УНИЦЕФ е сериозно загрижен поради продолжениот прекин на наставата и повикува да се преземат мерки со кои ќе се овозможи децата од основното и средното образование да ја надоместат изгубената настава веднаш откако ќе се вратат на училиште.
Пропуштеното мора да се надомести за да се избегнат долготрајни штети по добросостојбата и продуктивноста на децата, се наведува во писмената изјава на Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ потсетуваат дека со години наназад Северна Македонија се соочува со криза во учењето при што повеќе од половина од учениците на петнаесетгодишна возраст не ги постигнуваат основните нивоа на знаење по читање и математика. Згора на тоа, како што се наведува, не беа воведени програми за надоместување на пропустите во наставата предизвикани од затворањето на училиштата поради КОВИД-19 и учењето на далечина.
Посочуваат дека оваа учебна година учениците веќе пропуштија две недели настава поради задоцнетиот почеток на учебната година.
– Сега, со пролонгираниот штрајк на наставниците кој влегува во својата трета и евентуално и четврта недела, постои веројатност децата да изгубат до шест недели настава во оваа учебна година и сето тоа во време кога требаше да се надоместува знаењето пропуштено како последица на КОВИД-19. Сега, повеќе од било кога порано, треба да донесеме мерки за надоместување на пропуштеното знаење и за забрзување на образовната реформа за да може да се одговори на образовната криза којашто му претходеше на КОВИД-19. Доколку итно не се преземат вакви мерки, економските последици од пропуштеното во учењето ќе влијаат на намалена заработувачка во животот на децата од денешната генерација. Овие загуби не само што имаат тековно негативно влијание врз децата, туку ќе влијаат и врз нивниот живот во иднина и идниот економски развој на државата, се наведува во писмената изјава.
Според УНИЦЕФ, веднаш по враќањето во училишните клупи, најважно е наставниците да го оценат нивото на знаење на учениците и да им обезбедат настава прилагодена на потребите и нивото на детето. Треба да се размисли за мерки од типот на продолжување на времетраењето на наставата, организирање часови за надоместување на пропуштеното, прилагодување на наставата за да се задоволат конкретните потреби од учење на учениците и ставање акцент на стекнување клучни вештини. На матурантите ќе им треба дополнителна поддршка да го совладаат материјалот за да може непречено да го продолжат своето школување во повисоките нивоа на образование.
УНИЦЕФ ги повикува сите учесници во преговорите за платите на образовните работници пред сè да го имаат предвид најдобриот интерес на детето, да прифатат дека состојбата со кризата во образованието е алармантна и да изнајдат взаемно прифатливи решенија со цел да се спречи создавање идна изгубена генерација.