УНИЦЕФ предупредува: Сè повеќе деца во Македонија се со прекумерна тежина
По повод Светскиот ден за борба против дебелината, УНИЦЕФ апелира на итни мерки за подобрување на условите за исхрана во училиштата во Северна Македонија. Организацијата предупредува дека прекумерната тежина и дебелината кај децата продолжуваат да се зголемуваат во раните училишни години, период кој е клучен за формирање на долгорочни прехранбени навики.
Според најновите податоци, 34 проценти од момчињата и 28,3 проценти од девојчињата на возраст од 7 до 9 години живеат со прекумерна тежина или дебелина. Иако физичката активност е важна, УНИЦЕФ посочува дека недоволната активност не е главниот фактор за овој тренд. Според родителите, повеќе од 90 проценти од децата секојдневно учествуваат барем во еден час активна игра или енергична активност.
Нездравата храна доминира во училишната средина
Како што се наведува, средината во која децата јадат или купуваат храна има значајно влијание врз нивните прехранбени навики. Речиси една третина од децата редовно консумираат безалкохолни пијалаци засладени со шеќер, додека повеќе од три четвртини не јадат овошје и зеленчук секој ден.
Училиштата, според УНИЦЕФ, имаат клучна улога во формирањето на ваквите навики. Проценките покажуваат дека во училишната средина, таму каде што има достапна храна, најчесто се нудат нездрави производи како засладени пијалаци, слатки и солени грицки.
Во извештајот се нагласува дека ваквите опкружувања ја поткопуваат здравата исхрана. Кога нездравата храна е евтина, лесно достапна и агресивно рекламирана, а здравите опции се ограничени, последиците директно се одразуваат врз здравјето на децата.
Апел за ограничување на нездравата храна во училиштата
УНИЦЕФ ја повикува државата да воведе мерки за ограничување на продажбата на ултра-преработена храна и зашеќерени пијалаци во училиштата. Дополнително, се предлага зајакнување на регулативите за рекламирање храна и пијалаци наменети за деца, како и вложување во образовни програми за правилна исхрана.
Организацијата предупредува дека економските последици од прекумерната тежина и дебелината се значајни. Проценките покажуваат дека тие изнесуваат околу 5 проценти од бруто-домашниот производ, што се проценува на приближно 482 милиони евра, односно околу 241 евро по лице годишно.
Искуствата од други земји, според податоците на УНИЦЕФ, покажуваат дека воведувањето ограничувања за продажба и рекламирање на нездрава храна во училиштата доведува до подобрување на исхраната кај децата и намалување на потрошувачката на зашеќерени пијалаци и ултра-преработена храна.
„Заштитата на децата од нездрава храна е една од најефикасните мерки за спречување на дебелината и поддршка за доживотното здравје.“
