12 повредени од трагичниот пожар во дискотеката во Кочани се префрлени вечерва на лекување во Србија. Ова го потврди д-р Игор Николов, кој е контакт-лице за сите информации поврзани со состојбата на пациентите во странство.

Со авион, 12 пациенти пристигнале во Белград, каде четворица од нив ќе бидат хоспитализирани во Воено медицинската академија, а осум во Универзитетскиот клинички центар. Со ова, вкупниот број на префрлени пациенти во Србија изнесува 29.

Владата ќе обезбеди превоз и сместување за семејствата на повредените во пожарот во Кочани

Дополнително, двајца повредени се упатени на лекување во Виена, додека тројца други во Атина.

Во меѓувреме, на Клиниката за токсикологија во Скопје се хоспитализирани 10 лица со интоксикација од гасови, а уште три лица се донесени на опсервација.

Пожарот во дискотеката во Кочани, кој се случи на 15 март, однесе 59 животи, а 155 лица се повредени. Дел од повредените се хоспитализирани во земјата, додека потешките случаи се префрлени на лекување во странство.

Извор: Миа