Министерот за спорт, Борко Ристовски, оствари средба со македонскиот мотоциклист Христијан Бузалковски. За време на средбата му упати официјални честитки за освоеното второ место во генералниот пласман на ФИМ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам.

Како што соопштија од Министерството за спорт, со освојувањето на европската вицешампионска титула Бузалковски ја заокружи извонредната сезона во престижното натпреварување, со што го постигна најголемиот успех во историјата на домашниот мотоциклизам. Министерот порача дека институцијата секогаш ќе го вреднува успехот и ќе претставува постојана поткрепа за спортистите кои достоинствено ги бранат државните бои.

„Освојувањето на европската вицешампионска титула е голем успех за Христијан, но и за македонскиот мотоспорт. Ваквите резултати заслужуваат почит и поддршка. Како Министерство за спорт, ќе продолжиме да ги вреднуваме спортските достигнувања и да создаваме услови за развој на спортистите кои со својата работа и посветеност достојно ја претставуваат Македонија на меѓународната спортска сцена“, истакна Ристовски.

Бузалковски упати благодарност за приемот и за упатените честитки, при што нагласи дека институционалната помош има суштинско значење во неговиот натпреварувачки развој и при остварувањето на овој историски резултат. Од ресорното министерство информираа дека ќе продолжат посветено да ги поддржуваат спортистите и спортските постигнувања кои директно придонесуваат кон меѓународна афирмација на земјата на европско и на светско рамниште.