Завршена е втората фаза на „Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар“, што за земјоделците значи намалување на трошоците за производство и предуслов за осовременување на агро-секторот, истакна денеска премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на настанот за пуштање во употреба на системот за водоснабдување.
Станува збор за модерен систем за водоснабдување во земјоделството, кој е од витално значење за овој крај, а со кој се обезбедува навремено и квалитетно наводнување за вкупна површина од 2.150 хектари на територијата на Општина Валандово, а ги опфаќа населените места Удово, Јосифово, Калково и Пирава.
Премиерот Заев рече дека со ваквите инвестиции се зголемува конкурентноста на земјоделство, а тоа значи и подобри услови за работа и живот на населението во целиот валандовски регион.
-Модерно, конкурентно, извозно ориентирано земјоделство е еден од нашите приоритети. Даваме силна поддршка за земјоделството и затоа од голема важност е да се користат сите повици и програми на Владата кои се вистинска можност за осовременување на земјоделското производство. Заеднички ќе направиме сѐ за да ги искористиме максимално средствата наменети за агро-секторот и руралниот развој. Имаме ресурси. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и Платежната агенција се ставени во систем за информациите да допрат до земјоделците и да се искористат достапните средства и знаење. Заедничка цел ни е развој на македонскиот аграр и поголем рурален развој во земјата, а со тоа и на севкупната економија, подвлече премиерот Заев и упати честитки за успешната работа на сите инволвирани во процесот.
Севкупната инвестиција е над 24 милиони евра. Средствата за реализација на проектот се обезбедени 30 отсто од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и 70 отсто во договор со Владата на Сојузна Република Германија, застапувана од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем под поволни услови.
-Најважно е дека со оваа инвестиција земјоделците како крајни корисници ќе имаат сигурна вода за наводнување за своите полиња, а со тоа и многу подобра перспектива за планирање на нивното производство како и подобри услови за работа, рече заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф.
Градоначалникот на Општина Валандово, Костадинов истакна дека завршена е најголемата инвестиција од постоењето на Општината и реализиран е проект од суштествено значење за општинскиот развој и перспектива.