Фудбалската федерација на Македонија потврди дека фудбалскиот клуб Вардар поднесе официјална жалба за неправилен настап на фудбалер на Тиквеш. Жалбата се однесува на вчерашниот натпревар од Купот на Македонија, кој заврши со победа на тимот од Кавадарци и нивен пласман во осминафиналето.

Од куќата на фудбалот информираат за сите детали поврзани со пристигнатата документација од страна на скопскиот клуб.

„На 29. октомври 2026 година, во Архивата на ФФМ пристигна жалба од ФК Вардар за неправилен настап на фудбалер на ГФК Тиквеш 1930 на натпреварот од осминафиналето на Купот на Македонија, меѓу екипите на ФК Вардар и ГФК Тиквеш 1930, одигран на 28. октомври 2026 година. Жалбата, која претходно уредно била најавена од ФК Вардар во записникот од натпреварот, се однесува на фудбалерот на ГФК Тиквеш 1930, Окере Ебубе Висдом, со број 23, кој бил дел од почетниот состав на гостинската екипа“, соопшти ФФМ.

Во жалбената документација детално се наведува дека во досието на спорниот фудбалер внесено во КОМЕТ системот на ФФМ постојат неправилности во делот за медицинската документација. Како лекарски преглед била приложена спортско-медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на извршен лекарски преглед на 2 јули 2026 година. Според наводите во поднесената жалба, Спасовски повеќе не е член на кавадаречкиот клуб уште од 3 септември 2026 година.