Ватикан е подготвен да посредува во преговори меѓу Москва и Киев и ја нуди својата територија како неутрално место за нивно одржување, пишува италијанскиот весник „Стампа“.
Според весникот, тоа било соопштено по средбата меѓу папата Франциск и францускиот претседател Емануел Макрон на 24 октомври.
-Ватикан ги интензивира политичките напори за решавање на украинскиот проблем. Судејќи по сè, уште еднаш изрази подготвеност, од една страна, да дејствува како посредник, а од друга страна, ја предложи својата територија како неутрална платформа за преговори за решавање на конфликтот, се наведува во написот.
Папата Франциск и при враќањето од Бахреин, изјави дека Ватикан „работи на зближување и изнаоѓање решение“ за прекин на конфликтот во Украина.
Ватикан во неколку наврати соопшти дека Светата столица е подготвена да направи сè што е можно за да се воспостави дијалог меѓу Русија и Украина.