Обвинувањата на Хрстијан Мицкоски немаат врска со реалноста, станува збор за лага, измислица, креација во умот на човекот кој е опседнат со мене, реагира бизнисменот Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, откако Мицкоски го обвини дека изнудил 250.000 евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола.
-Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила – вели Заев во изјава за Фокус.
Тој додава дека изнесеното од страна на Мицкоски за наводната постапка е својствена за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога, како што истакнува, тој бил директор. Воедно, Заев ги повика надлежните институции целосно да го испитаат случајот, но истовремено го повика лидерот на ДПМНЕ да престане преку познаници да му упатува закани дека „живеел за да ми наштети“.