САД ги зајакнаа напорите за отстранување на приливот на мигранти – претежно од Хаити – што го зафатија граничниот град Дел Рио во Тексас во текот на минатата недела, со фотографии и видеа кои во одредени кадри покажуваат агресивни тактики од агентите на граничната патрола, додека тие се обидуваат да ги избркаат мигрантите од веќе преполнетите импровизирани кампови, пренесува Форбс њуз.

На социјалните мрежи се појавија неколку вознемирувачки видеа од настаните во близина на граничниот премин, по кои следуваа бурни реакции.

На видеата може да се види како службениците ги камшикуваат мигрантите, нешто што во САД буди вознемирувачки сеќавања.

По бурните реакции, се огласи и Белата куќа, чија портпаролка Џен Псаки беше запрашана дали оваа употреба на коњи и камшици, е „соодветна тактика“ во земја заснована на ропство.

Опишувајќи го инцидентот како „предизвикувачка и шокантна ситуација“, министерот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас и началникот на гранична патрола Раул Ортиз рекоа дека ќе ги разгледаат постапките на службениците на коњите кои на сликите може да се види како ги туркаат мигрантите и бегалците во реката, но тие првично рекоа дека не гледаат ништо лошо врз основа на фотографиите и снимките.

Исто така, Мајоркас издаде строго предупредување:

Ако илегално дојдете во Соединетите држави, ќе бидете вратени. Вашето патување ќе пропадне, ќе го загрозите вашиот живот и животот на вашето семејство.