Од надзорна камера се појави снимка на која се гледа дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, прва започнува физички напад при денешната обиколка на дивоградби во скопската Општина Чаир.

На видеото се гледа како Арсовска со клоци удира маж, кој потоа ѝ возвраќа со напад. Во заднина се слуша женски глас што зборува на висок тон.

Од снимката е јасно видливо дека полицијата веднаш реагирала и го привела мажот, кој бил инволвиран во инцидентот.

 

Претходно, Арсовска изјави дека пред очи на полицајци, таа била удирана со клоци и дека напаѓачот ѝ се заканувал со силување. Но, според информациите, таа не го пријавила инцидентот во МВР, туку веднаш по случката се упатила кон Градската општа болница „8 Септември“, каде денеска била примена во Ургентниот центар.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, попладнево изјави за Телевизија Телма дека физички контакт навистина имало, но дека е невистина и манипулација тврдењето дека тоа се случило пред очите на полициски службеници.

– Тоа е лага и повторен обид за манипулација на јавноста, изјави министерот Тошковски, коментирајќи ја верзијата на градоначалничката.

Инцидентот се случи за време на посета на локација со дивоградба во Чаир, но реакциите околу случувањата се интензивираат откако се појави видео-снимката која го доведува во прашање првичниот наратив за нападот.