Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска ги повика САД да ги укинат санкциите против Куба, по неговата посета на овој карипски остров. Тој упати директен апел преку социјалните мрежи, потенцирајќи ги тешките хуманитарни и здравствени последици што ги чувствува локалното население.

„Штотуку се вратив од Куба, тажен сум поради тоа што го видов“, напиша Тедрос на платформата Икс.

„Болнички ходници полни со мали рачиња што носат големи надежи. Здравствени работници кои даваат сè од себе“, додаде тој.

„Децата никогаш не смеат да плаќаат за политички спорови. Ги повикувам САД да ги укинат санкциите, заради нив“, рече Тедрос.

За време на посетата, Тедрос обиколи неколку установи, вклучително и детски болници на карипскиот остров.

Медицинскиот персонал му кажал дека американската блокада на гориво го ограничува снабдувањето со електрична енергија.

Во многу болници, исто така, недостасуваат резервни делови за опремата за дијализа и за компјутерска томографија (КТ). Покрај тоа, има недостиг и од шприцеви, лекови и завои.

За време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, САД ги заострија санкциите кон Куба, со цел да предизвикаат колапс на комунистичката влада преку политички и економски притисок.