Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека за скоро ќе започне асфалтирањето на булеварот „Борис Трајковски“, посочувајќи дека за нешто повеќе од три месеци биле надминати проблемите што со години ја попречувале реализацијата на проектот.

Според него, трасата е целосно ослободена, изградена е нова атмосферска канализација, завршено е тампонирањето од едната страна, а следниот чекор е поставувањето на првиот слој асфалт.

„Зборот е збор – за скоро од денес започнуваме со асфалтирање на булеварот „Борис Трајковски“. По три децении празни ветувања, за само нешто повеќе од три месеци ги решивме проблемите што ја кочеа изградбата на булеварот и секојдневно создаваа вистинска голгота за повеќе од 100.000 граѓани“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека со реализацијата на проектот, жителите од овој дел на Скопје ќе добијат нов, модерен и безбеден булевар, кој, како што истакна, одамна го заслужуваат.

„Ветивме и реализираме. Кога се сака – сѐ се може. Скопје го правиме заедно“, порача градоначалникот.

Проектот за реконструкција и проширување на булеварот „Борис Трајковски“ е еден од поголемите инфраструктурни зафати во овој дел на главниот град и треба да придонесе за подобра сообраќајна поврзаност и побезбедно движење на граѓаните.