Тужбата кон Петрушевски не е за Жан Митрев, туку за марихуана

Ако сте болница и сте излечиле илјадници пациенти, а некој починал во неа ќе ви направат документарец само да ве дискредитираат, а отпосле ќе пробаат и некои од странство да ви ја купат болницата. Доколку сте пратеник и кажете дека на некој му направиле документарец и истиот ден влегло обвинителство во неговата болница и му одмрзнале да купи некој кој „случајно“ е близок на владејачка структура – ве тужат за клевета.

Утрово во нашето студио беше гостин пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој зборуваше до каде е тужбата поднесена од Зоран Заев.

Спорот околу надлежноста на судот

„Тужбата од Зоран Заев е испратена до основниот суд во Струмица. Согласно законските прописи судот побара од мене да се изјаснам и да доставам одговор на таа соодветна тужба. Многу е интересно зошто се тужиме во Струмица. Таму, малтене се е под контрола на Зоран Заев, вклучително и судството и судиите. Претпоставувам дека од она кое го разговарал со одредени луѓе тој веќе се договорил со судијата“, вели Петрушевски.

Тој додава дека правосудниот систем мора да биде независен и дека очекува позитивни ефекти од новите законски решенија и новиот јавен обвинител.

„Доколку судијата се води по законот нема да одам во Струмица. Во членот 22 стои дека надлежен суд е судот на чија постапка настанала штетната последица. Со оглед на тоа што во самата тужба е наведено дека прес-конференцијата сум ја дал во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, значи дека и судењето треба да биде во Скопје“, посочува тој.

Петрушевски информира дека поднел приговор до Основниот суд во Струмица и нагласува дека треба „на неутрален терен да се соочиме“.

Тужбата не е за Жан Митрев

Зоран Заев бара оштета од 500.000 денари заради, како што се наведува, душевна болка предизвикана од прес-конференцијата на Бране Петрушевски.

Иако во јавноста се создаде впечаток дека станува збор за прес-конференцијата поврзана со болницата на Жан Митрев, Петрушевски појаснува дека тужбата се однесува на друга прес-конференција.

Станува збор за прес-конференцијата за запленетата марихуана, што значи дека Заев не го тужи за изјавите поврзани со болницата „Жан Митрев“.

Петрушевски потенцира дека Зоран Заев блефира и дека јавната објава на Фејсбук, според него, служи „само да испере пред јавност“.

Погледнете ја целата емисија: