Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави поднесување иницијатива која ќе бара заштита на безбедноста и законитоста при градбите на падините на Водно. Претседателката на Унијата на жени на партијата во општина Центар и актуелен советник, Диана Ристовска Додевски, посочи дека локалната самоуправа веќе пет месеци ги игнорира барањата и апелите на жителите од улицата „Славејко Арсов“.

Според изнесените податоци, граѓаните од овој дел од градот уредно испраќале дописи и алармирале за длабоки инфраструктурни и урбанистички девијации кои директно ја нарушуваат нивната безбедност, но одговор од надлежните органи во општината досега нема.

Ристовска Додевски детално ја опиша состојбата на терен, посочувајќи дека станува збор за тесна слепа улица во која не постои простор за вртење на моторни возила, отсуствуваат пешачки тротоари и нема капацитети за нови приклучоци и паркирање. Најсериозен проблем претставува неможноста за непречен пристап на амбулантните возила на брзата помош и противпожарните единици во случај на вонредни состојби.

Дополнителен ризик претставува фактот што на истата улица функционира и објект на детската градинка „Кочо Рацин“, со што секојдневно се доведува во прашање безбедноста на најмладите и нивните родители. Таа упати критики до раководството на локалната власт и градоначалникот Горан Герасимовски поради отсуството на соодветна патна и комунална инфраструктура која мора да му претходи на секој урбанистички развој.

„Нашата порака е јасна: безбедност, инфраструктура и законитост, а дури после тоа градење и дозволи за градење“, рече Ристовска Додевски.

Таа потврди дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат ова прашање официјално да се најде на дневен ред на претстојната седница на Советот на Општина Центар, упатувајќи повик и до останатите советнички групи да застанат во одбрана на интересите на жителите.