И двете страни тврдат дека извеле успешни воени операции, додека тензиите дополнително се зголемуваат

Иран и САД втора ноќ по ред извршија меѓусебни напади, со што дополнително се продлабочува кризата на Блискиот Исток и се зголемува неизвесноста околу опстанокот на примирјето. Техеран соопшти дека погодил американски воени цели во Кувајт, Катар, Бахреин и Јордан, додека Вашингтон претходно објави дека извел напади врз околу 90 ирански воени цели.

Во меѓувреме, иранските медиуми информираа за нови експлозии во Бушер, Бандар Абас и во други делови од јужниот дел на земјата. Според локалните власти, американски проектил погодил и дел од периметарот на нуклеарната централа во Бушер.

Трамп: „Ова е одмазда“

Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на ноќта објави 19 пораки и видеа на својата социјална мрежа Truth Social, најголем дел посветени на воените операции против Иран.

Во една од објавите тој наведе дека американските напади претставуваат одговор на иранските напади врз бродови.

„Ова е одмазда за вчерашното иранско бомбардирање на бродови. Ако се случи повторно, ќе биде многу полошо“, напиша Трамп.

Според иранските власти, во последните два дена загинале 14 лица, а 78 се повредени.

Масовен погреб и стравувања за нова ескалација

Во исто време, Иран го испрати во вечниот дом ајатолахот Али Хамнеи, кој, според информациите, бил убиен на почетокот на војната во американски воздушен напад.

Илјадници луѓе присуствуваа на погребната церемонија во Машхад, каде што беа истакнати и транспаренти со пораки насочени против САД и американскиот претседател Доналд Трамп.

Покрај воените судири, последиците се чувствуваат и врз светската трговија. Бројот на бродови што пловат низ Ормускиот Теснец, една од најважните рути за транспорт на нафта, е значително намален поради безбедносните ризици.