Град Скопје најави изградба на мега-парк на површина од 72.000 квадратни метри во Карпош 4, на простор кој во изминатиот период бил запуштен и користен како дива депонија.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека просторот ќе биде хортикултурно уреден и ќе содржи парк за миленици, детски катчиња, спортски центар, велосипедски полигон, урбана опрема и други содржини наменети за посетители од различни возрасни групи.

„Она што со години беше симбол на негрижата, неработењето и неодговорноста на моите претходници и беше претворено во дива депонија и грда слика во срцето на Карпош, денес го претвораме во нешто сосема ново – огромен мега-парк на површина од 72.000 квадратни метри“, објави Ѓорѓиевски.

Тој порача дека наместо отпад и запуштеност, на локацијата треба да бидат создадени зелени површини и простор за рекреација и дружење.

Според најавата, паркот треба да стане место за спорт, одмор и семејни активности, како и нова поголема зелена површина во овој дел од Скопје.

Ѓорѓиевски проектот го опиша како трансформација на просторот „од дива депонија до мега-парк“ и најави дека ќе биде наменет за секојдневно користење од страна на жителите на Карпош и другите скопски општини.

Во објавата не се наведени вредноста на проектот, изведувачот и рокот во кој се очекува паркот да биде целосно завршен.