Војската исто така соопшти дека синоќа биле нападнати домови на девет команданти на Хамас.
– Нападот беше дел од пошироката операција на ИДФ (израелски одбранбени сили) за да се предизвика голема штета на подземниот систем на терористички организации во појасот Газа, соопшти војската, која тунелите ги нарече „подземна железница”.
Засега нема извештаи за жртви во последните напади.
Една трикатна зграда во градот Газа е сериозно оштетена, но жителите изјавија дека армијата ги предупредила да заминат десет минути пред нападот. Тие рекоа дека околното земјоделско земјиште било погодено во неколку воздушни напади.
Градоначалникот на Газа, Јахја Сараџ, за телевизијата „Ал Џезира” изјави дека воздушните напади предизвикале голема штета на патиштата и друга инфраструктура.
ОН предупредија дека единствената електрична централа во Газа ќе остане без гориво, а прекините на електрична енергија веќе траат до 12 часа на ден. Водата од чешма не може да се пие.
Во текот на ноќта, во неколку наврати биле истрелани ракети кон израелските градови, најмалку девет кон Бершева, антиракетниот систем „Железна купола” пресретна неколку проектили, додека другите паднаа во ненасилна област.
Нападнат е и градот Ашкелон. Засега нема извештаи за повредени.
Израелската армија соопшти дека од 19 часот синоќа до денеска во 7 часот наутро биле истрелани околу 60 ракети кон Израел и оти многу биле пресретнати.
Судирите продолжија и покрај тоа што американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика да се стави крај на нападите, што се коментира како промена на американскиот тон, а израелските медиуми јавуваат дека администрацијата на Џо Бајден ги интензивира дипломатските напори во регионот и разговара со повеќе регионални лидери.