Итна интервенција за кучето од Крива Паланка
Кучето од Крива Паланка, кое беше злоставувано од својот сопственик, е донесено во ЈП „Лајка“. Од претпријатието соопштија дека животното во моментов е безбедно и дека ќе добие целосна нега и сѐ потребно за негово опоравување.
Според ЈП „Лајка“, животното било згрижено благодарение на навремена реакција на граѓаните и интервенцијата на пожарникарите кои го извлекле од провалија. Инспекторите и ветеринарните служби веднаш обезбедиле итна грижа и стабилизација.
Реакцијата на ЈП „Лајка“
Од претпријатието порачаа:
„Овој настан е уште еден показател дека системот функционира кога институциите и граѓаните делуваат заедно, брзо, координирано и одговорно. Злоставувањето на животни не е изолиран чин – тоа е сериозен општествен проблем. Секое злоставување на животни мора да се пријави – веднаш и без исклучок. Само со гласна и одлучна реакција можеме да ги заштитиме најранливите и да спречиме насилството да се повтори.“
Во соопштението дополнително беше истакнато дека одговорноста е заедничка. Потребно е да се гради средина каде и животните и луѓето ќе живеат безбедно и достоинствено.
Поднесена пријава против сопственикот
За случајот МВР поднесе кривична пријава против 59-годишен жител на Крива Паланка со иницијали З.М. Според полицијата, тој го влечел кучето врзано за своето возило, а потоа го фрлил во коритото на Крива Река.
Малтретираното куче од Крива Паланка било извлечено од реката и веднаш згрижено во ЈП „Лајка“, каде што продолжува неговото опоравување.