Сотир Лукровски вечерва прогласи победа во општина Карпош во својот изборен штаб, опкружен со голем број поддржувачи кои со аплаузи ја дочекаа веста.

– Вечерва зборувам со срце полно гордост и благодарност. За секој човек кој веруваше дека чесноста, трудот и вистината повторно можат да победат. Денес не победувам јас, победува Карпош – рече Лукровски пред присутните, додавајќи дека во оваа кампања не се борел за функција, туку за доверба.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека победата не е само на една партија, туку на сите граѓани кои се бореле за промени и кои не се откажале од својот град.

– Победуваат сите оние што секој ден ме запираа на улица и ми велеше: „Сотир, време е да се смени нешто!“ – рече тој.

Лукровски зборуваше и за проблемите со кои се соочувала општината во минатото.

– Гледавме како Карпош се бетонизира, како зеленилото исчезнуваше, како улиците стануваа депонии, а луѓето остануваа неми сведоци на неправда. Таа реалност завршува вечерва – рече тој.

Тој најави ново поглавје за општината, кое ќе донесе ред, визија и работа.

– Време е општината да стане сервис за граѓаните, а не алатка за лични интереси. Ќе се слуша секој глас и ќе се гледа секое дело. Нашата програма не е список на ветувања, туку договор со граѓаните. Ќе ја дигитализираме општината, ќе ги реконструираме фасадите и лифтовите, ќе создадеме нови паркинг места и повеќе зелени зони. Карпош ќе стане пример за современ, урбан и достоинствен живот – изјави Лукровски.

На крајот, Лукровски се заблагодари на својот тим, волонтерите и граѓаните кои го поддржале на овој пат.

– Јас ќе бидам секој ден со вас – на улиците, во маалата, кај проблемите, со решенија. Вечерва не славиме крај, туку нов почеток. Почеток на Карпош што повторно дише со народот – заклучи новиот градоначалник.