Министерот за култура, Зоран Љутков, соопшти детали од Нацрт-Стратегијата за развој на културата за периодот 2026–2030 година.

На новинарско прашање од новинарот Љупчо Златев што политички, програмски и културно ќе се промени во секторот култура, министерот истакна дека во моментов се работи на нова национална стратегија која опфаќа широк консултативен процес.

Стратегијата подготвена со вклучување на институциите

Љутков посочи дека во подготовката на стратегијата биле вклучени сите релевантни институции и чинители во културниот сектор.

„Во моментов работиме на нова национална стратегија 2026–2030. Поминати се сите структури, сите 72 национални установи, директори, вработени, локални установи, општините, струковите здруженија, посебните здруженија, уметници кои не припаѓаат во ниедно здружение или национална установа, МАНУ, УНЕСКО, Националниот совет за култура на Министерството за култура. Националната стратегија потекнува одвнатре од Министерството за култура, ја работевме заедно со вработените. Внатре содржи сè како акциски план“, изјави Љутков.

Три главни приоритети во културната политика

Според министерот, стратегијата ќе се темели на три клучни приоритети кои треба да придонесат за подобрување на состојбата во културните институции.

„Фокусот е на три работи: ревитализација на националните установи, реорганизација и рационализација. Постои можност некои национални установи да се фузираат една во друга“, рече Љутков.

Поголема поддршка и меѓународна соработка

Тој нагласи дека во стратегијата се предвидува и поголема поддршка за граѓанскиот сектор, како и зајакнување на меѓународната културна соработка.

„Вториот приоритет е поголема поддршка во делот на граѓанскиот сектор. Трето е зголемена меѓународна соработка. Еве сега овие денови имаме Денови на македонска култура во Брисел“, истакна министерот.

Љутков додаде дека стратегијата предвидува и зголемени капитални инвестиции за подобрување на условите во културните установи.

„Капиталните инвестиции ќе бидат за голем дел од установите кои се во очајна ситуација. Таму ќе интервенираме“, рече министерот.