Министерот Тошковски предупредува дека постарите граѓани се најчесто таргет и советува веднаш да се извести МВР

Министерот Тошковски предупредува дека телефонски измами со наводни сообраќајни незгоди сѐ почесто таргетираат постари граѓани. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку видео објавено на неговиот Фејсбук профил посочи дека наша заедничка одговорност е да им укажеме на граѓаните како да ги препознаат измамите и да се заштитат.

„Многу е битно македонските граѓани да знаат дека доколку било каква ситуација се случи да бидат повикани на телефон, од страна на било кој наводен инспектор, полицаец, доктор, судија и така натаму, во таков случај не треба да продолжат во комуникација со него. Измамниците сакаат цело време да ја држат жртвата на телефон, не му дозволуваат, практично со цело време давање на лоши информации за нивните најблиски да го затворат телефонот“, рече Тошковски на денешното гостување на Утринската програма на МТВ.

Министерот го советува секој кој ќе се посомнева дека станува збор за измама, веднаш да го исклучи телефонот и да извести на 112. Од таму, граѓаните ќе бидат пренасочени кон МВР. Доколку директно се јават на 192 во МВР, ќе бидат контактирани инспектори кои ќе излезат на лице место и ќе продолжат со понатамошни дејствија за расветлување на случајот.

„Советот е никако да не продолжат во комуникација кога ќе се посомневаат дека станува збор за измама“, нагласи министерот Тошковски.