Мисајловски пречекан со високи почести во Лондон – средба со лорд Коукер за одбранбена соработка и регионална стабилност
Министерот за одбрана Владо Мисајловски беше пречекан со високи почести во Обединетото Кралство, каде оствари официјална средба со лорд Вернон Коукер, државен министер за одбрана на Британија.
Во разговорите биле опфатени повеќе прашања поврзани со одбранбената соработка меѓу двете земји, тековната безбедносна состојба во регионот, како и улогата на НАТО и заедничките евроатлантски цели.
„Со лорд Коукер разговаравме за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот и пошироко. Заеднички заклучок е дека нашите одбранбени односи се темелат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област,“ изјави Мисајловски.
Тој додаде дека постои цврста определба за натамошно зајакнување на билатералните односи.
„Изразив благодарност за поддршката и посветеноста на Обединетото Кралство кон нашите заеднички цели и вредности,“ рече министерот.
Средбата заврши со заедничка изјава за продолжување на партнерската соработка во интерес на регионалната и меѓународната стабилност.
„Посветено продолжуваме да градиме партнерства кои ја зајакнуваат стабилноста и мирот,“ заклучи Владо Мисајловски.