Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека речиси 300 компании ќе бидат поддржани со грантови во вредност од 25 милиони евра за зелена трансформација. Но, нагласува, таа зелена транзиција треба да се прави чекор по чекор за да не им се нанесе штета на индустријата и на државата.
Да, работиме, практично со агенцијата „Инова“, за овозможување и обезбедување грантови за компаниите, особено во делот на енергетската трансформација. Имав и во Давос едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се согласија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија, која ѝ е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина.
Според него, процесот треба да се одвива чекор по чекор, затоа што, како што истакна, секоја избрзана постапка може да направи штета и за индустријата и за државата.
Но колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и набргу ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот во инфраструктурните проекти во Гази Баба.
