Членовите на оваа организирана криминална група подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидено и казниво по член 215 и „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик.
Во текот на истрагата во неколку различни случаи документирани се продажби на наркотична дрога и оружје.
На 28.07.2021, постапувајќи по Наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 20 локации, при што од слобода се лишени и во полициски станици се приведени лицата Б.А.(22), Б.А.(19), М.А.(47), Б.А.(23), С.Ј.(22), Е.Б.(27), З.М.(33), Љ.А.(30), Ш.А.(35), Р.А.(33) (полициски службеник), А.А.(26) и Е.С.(24), сите од Скопје, а се трага по уште три лица кои биле дел од групата.
При лишувањето од слобода и при извршените претреси, на повеќе локации се пронајдени и одземени наркотична дрога, муниција, два пиштола, патнички моторни возила, од кои едно блиндирано, поголема сума на девизни и денарски парични средства, мобилни телефони, компјутерска опрема…
Лицата со соодветна кривична пријава ќе бидат предадени на надлежното јавно обвинителство.