Белгија обезбеди место во четвртфиналето на Светското првенство, откако во осминафиналето убедливо ги совлада Соединетите Американски Држави со 4:1.
Најзаслужен за победата беше Шарл де Кетеларе, кој двапати се запиша во листата на стрелците, додека конечниот резултат го постави Ромелу Лукаку во судиското продолжение.
Белгиската репрезентација поведе уште во 9. минута, кога по асистенција на Николас Раскин, Де Кетеларе ја затресе мрежата на домаќинот на турнирот. САД успеаја да израмнат во 31. минута преку Малик Тилман, кој прецизно реализираше слободен удар.
Сепак, радоста на Американците траеше само две минути.
По додавање од Леандро Тросар, Де Кетеларе повторно погоди и ѝ донесе ново водство на Белгија.
Прашањето околу победникот беше решено во второто полувреме. Ханс Ванакен искористи голема грешка на американскиот голман, кој непотребно излезе далеку од својот гол, ја загуби топката, а белгискиот играч лесно погоди за 3:1.
Во втората минута од судиското продолжение Лукаку ги постави конечните 4:1 и ја завери убедливата победа на Белгија.
Натпреварот привлече големо внимание уште пред почетокот поради контроверзната одлука на ФИФА да му дозволи настап на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, иако по црвениот картон против Босна и Херцеговина требаше автоматски да биде суспендиран на еден натпревар.
Според претходните информации, по реакција на американскиот претседател Доналд Трамп, ФИФА ја одложила примената на суспензијата, со што Балогун доби право да настапи против Белгија.
