Голем број пожари ја зафатија Грција во изминатите неколку дена поради рекордно високата температура која достигна и над 45 степени Целзиусови.
На островот Евија, два пожари уништија илјадници хектари земја, голем број куќи и деловни простории.
Многу земји одговорија на повикот на Грција за помош, вклучувајќи ги Франција, Германија и Велика Британија. Премиерот Киријакос Мицотакис доцна синоќа изрази благодарност до земјите што испратија помош.
Според последните податоци, пожарот во регионот Пелопонез е ставен под контрола, додека огнот во атинското предградие Атика на северот од грчката престолнина сега е помалку интензивен.
„Ситуацијата во Атика сега е многу подобра, но се плашиме од повторно активирање“, рече директорот на Цивилната заштита, Никос Хардалијас.
Пожарникарите и жителите на грчкиот остров Евија, барем оние кои се уште не избегале од катастрофалните пожари, ги зафати очај, пишуваат грчките медиуми.
„Имаме два главни пожарни фронта на Евија, еден на север и еден на југ“, рече Хардалијас, додавајќи дека поради силните ветрови огнот се шири кон околното село.
Грција и Турција веќе две недели се борат со катастрофални пожари, откако најлошиот топлотен бран во последните децении го погоди регионот. Ваквата состојба научниците ја поврзуваат со климатските промени.