Прашањето дали САД ја губат војната во Иран предизвика вербален судир меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и новинарка на Си-ен-ен во Њујорк. Наместо директно да ги коментира резултатите од анкетите, Трамп ја нападна репортерката и ѝ порача дека воопшто не треба да известува од настанот.
Инцидентот се случил за време на Генералното собрание на Обединетите нации, непосредно пред официјалното обраќање на Трамп пред светските лидери, додека американскиот претседател одговарал на прашања од новинарите.
Репортерката побарала коментар за најновите истражувања на јавното мислење, според кои две третини од Американците сметаат дека САД ја губат војната во Иран.
Трамп не одговорил директно на прашањето, туку го насочил нападот кон новинарката и нејзината медиумска куќа. Тој реагирал на присуството на новинарката на Си-ен-ен, наведувајќи дека телевизијата претходно најавила дека нема да ги следи неговите активности, и ѝ порачал дека не треба да биде таму.
Американскиот претседател минатиот петок објави забрана за пристап до Белата куќа за Си-ен-ен, МС НАУ и „Политико“. На новинарите од овие медиуми во саботата им бил забранет влез на претседателските настани.
Одлуката предизвика остра реакција од американската медиумска заедница. Во знак на солидарност, телевизискиот пул во Белата куќа привремено престана да ги покрива настаните за кои е потребно заедничко известување.
Забраната за пристап до Белата куќа, сепак, не важи во седиштето на Обединетите нации. Процесот на новинарска акредитација таму го спроведува ОН независно од американската администрација, поради што новинарите од засегнатите медиуми можеле да присуствуваат на самитот.
Си-ен-ен, МС НАУ и „Политико“ во меѓувреме поднесоа тужба против Белата куќа, повикувајќи се на Првиот амандман од Уставот на САД. Тие ја обвинуваат администрацијата за незаконско ограничување на новинарските права.
Според експертите, досегашната судска практика оди во прилог на медиумските организации што ја оспоруваат забраната.
Trump: “I’m surprised CNN is here is covering me. You shouldn’t be here.”
CNN’s Kaitlan Collins: “The United Nations allowed us in, sir.” pic.twitter.com/fMrWCnABEO
— philip lewis (@Phil_Lewis_) September 22, 2026
