НОВАТА БРИТАНСКА АМБАСАДОРКА ГО ЗАПОЧНА МАНДАТОТ: Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на Маја Сивањанам

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од новата британска амбасадорка во Македонија, Маја Сивањанам, со што таа и официјално го започна својот дипломатски мандат. На средбата беше потврден интересот за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и за проширување на соработката во повеќе области.

По церемонијата, Сивањанам изрази задоволство што ја презема функцијата и најави дека ќе работи на унапредување на односите меѓу двете земји. Таа нагласи дека партнерството не се однесува само на односите меѓу институциите, туку и на врските меѓу луѓето, бизнисот, безбедноста, образованието и културата.

Во разговорот посебно внимание било посветено и на безбедносната соработка. Сиљановска-Давкова истакнала дека Македонија и Обединетото Кралство, како сојузници во НАТО, имаат заедничка одговорност за зачувување на мирот и стабилноста во Европа. Таа ѝ се заблагодарила на британската страна за долгогодишната поддршка во реформите на одбраната и военото образование, особено во услови на растечка геополитичка неизвесност.

Сивањанам, пак, изразила подготвеност за продлабочување на соработката со македонските институции, со посебен акцент на владеењето на правото и демократијата. Таа посочила дека инвестирањето во младите, унапредувањето на нивното образование и создавањето можности за нивен развој се важни за изградба на побезбедни и попросперитетни општества. Воедно, ја нагласила важноста на еднаквоста, инклузијата и зајакнувањето на улогата на жените и девојките.

Двете соговорнички оцениле дека постои значителен простор за проширување на соработката во културата, науката и образованието. Посебно биле издвоени програмите на Британскиот совет и стипендиската програма „Чивнинг“, преку кои се создаваат можности за образовна и професионална размена.

„Голема чест и привилегија ми е што денес ги предадов акредитивните писма на Гордана Сиљановска-Давкова и официјално го започнувам мојот мандат како новата британска амбасадорка. Со нетрпение очекувам да го продлабочиме нашето стратешко партнерство и да ги запознаам луѓето и заедниците низ целата земја. Нашето партнерство е пред сè партнерство меѓу луѓето, преку бизнисот, безбедносната соработка, образованието, културата и многуте врски што ги зближуваат нашите две земји. Ви благодарам многу и се гледаме наскоро!“, порача Сивањанам.

На крајот од средбата, Сиљановска-Давкова ѝ посака на новата британска амбасадорка добро здравје, среќа и успех во извршувањето на нејзината дипломатска должност.