Двајцата лидери имаа двочасовна виртуелна средба за Украина и други спорни прашања.
Бајден ја изразил „длабоката загриженост на Соединетите Американски Држави и европските сојузници поради руското трупање на сили околу Украина“, се наведува. „Бајден јасно даде до знаење дека САД и сојузниците ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на воена ескалација“.
Американскиот претседател повторно ја изразил американската поддршка на украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет и повикал на деескалација и дипломатија, наведува Белата куќа.
Путин и Бајден се договориле нивните тимови да ги продолжат консултациите.
Рускиот претседател Владимир Путин побарал денес од Бајден правно обврзувачки гаранции дека НАТО нема да се шири на исток, соопшти Кремљ по онлајн состанокот.
Путин кажал дека НАТО го зајакнува својот воен потенцијал во близина на руските граници и „повлекува опасни потези со цел освојување на украинската територија“, соопшти Кремљ.
„На Русија поради тоа ѝ е сериозно важно да добие сигурни, правно обврзувачки гаранции кои исклучуваат ширење на НАТО на исток и разместување на системи за оружен напад во државите соседи на Русија“, наведува Кремљ.
Руските власти предупредуваат дека јакнењето на врските на НАТО и Украина и можното разместување на проектили на Алијансата на украинска територија е „црвената линија“ која нема да ја дозволат.
Путин повторно ја обвинил Украина дека е „деструктивна“ и дека сака да ги раскине договорите од 2014 и 2015 година со кои требаше да се прекине конфликтот на Киев со проруските бунтовници на истокот на земјата.
Русија во близина на украинската територија чува големи воени сили, но негира дека планира да ја нападне таа земја тврдејќи дека има исклучиво одбранбени намери.
Путин предложил и Русија и САД да ги укинат сите ограничувања за дипломатските мисии на другата страна. Според Кремљ, односите меѓу Москва и Вашингтон не се на „задоволувачко ниво“.
„Руската страна предложи да се избришат сите акумулирани ограничувања во работата на дипломатските мисии, што би овозможило нормализирање на другите аспекти на билатералните руско-американски односи“, се наведува во соопштението на Кремљ.