Возило влета во толпа синоќа за време на одржувањето на Парадата на гордоста во Берлин, при што едно лице загина, а најмалку 16 се повредени, поради што полицијата ја прекина манифестацијата неколку часа по нејзиниот почеток.

Полицијата соопшти дека дел од повредените се во животна опасност.

Берлинската полиција започна јавна потера по маж осомничен за извршување на терористички напад за време на Парадата на гордоста (CSD).

Се верува дека 21-годишниот Абдул Б. повредил неколку лица со своето возило во близина на паркот Тиергартен во саботата околу 22 часот. Една жена починала од повредите, објави „Билд“. Полицијата, исто така, објави опис на мажот по кого трагаат по нападот.

Полицијата ги предупреди граѓаните да не му се приближуваат на осомничениот доколку го забележат, бидејќи може да биде вооружен и опасен, туку веднаш да се јават на бројот за итни случаи 110.

– Човекот е познат на полицијата и припаѓа на исламистичките кругови во Берлин – изјави портпаролот на полицијата, Флоријан Нат.

Осомничениот наводно бил ослободен од поправен дом во мај оваа година. Сè уште не е потврдено дали тој бил возачот на возилото. Полицијата пронашла и запленила празен, тешко оштетен автомобил во близина на местото на нападот.

Полицијата ги повикува сите што имаат информации за тоа каде се наоѓа Абдул Б. да ги контактираат преку порталот за полициски дојави или во најблиската полициска станица.