Пензионерите од Свети Николе денеска повторно излегоа на протест на кој го повторија своето барање – линеарното зголемување на пензиите на 3.500 денари. Во изјава за медиумите, пензионер им предложи на министрите барем за еден месец да си ги заменат платите, односно тој да им ја даде неговата од 12.000 денари, а министерската покачена плата од 78% да ја добие тој, пренесува Press24.mk.
„Со 12.000 денари ако може да живеат они луѓе, ќе се смениме еден месец. Нивната плата нека ни ја дадат нас, а јас ќе му ја дадам мојата пензија. Доживотно ќе му ја дадам, со 12.000 нека живее. 5.000 денари имам само за лекови, 7.000 денари имам давачки, вода, струја, телефон, се имам. Па нека пробаат да живеат тие со оваа плата“, кажа пензионерот во изјава за медиумите.
Друга пензионерка, пак исто така повтори дека не може да се преживее со пензија од 12.500 денари.
„Она зема плати за 10 фамилии“, и порача пензионерката на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Трајче Стаменов, член на Иницијативниот одбор на пензионерите кажа дека имаат уште неколку барања.
– Второто барање е оставка доколку не ги исполнат барањата и тоа на министерката, Тренчевска, на претседателката наша на пензионерите, од Здружението на пензионери и на нејзиното раководство“, рече Стаменов.
Меѓу барањата се и да се направи ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и во Здружението на пензионери, потоа да имаат бесплатни лекови и како што посочи Стаменов, петтото барање е доколку не се исполнат овие барања, Владата да си поднесе оставка. Светиниколски пензионери најавија дека протестите и блокадите ќе продолжат.