Стотици откажани летови, масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија и поплави предизвика силното невреме што во текот на викендот го зафати источниот брег на Соединетите Американски Држави, од Вашингтон до Мејн. Во еден момент без струја останале повеќе од 100.000 домаќинства и деловни објекти.

Според податоците на сервисот PowerOutage.com, во саботата во 21:37 часот по локално време без електрична енергија сè уште биле повеќе од 73.000 корисници во Конектикат, Њујорк, Масачусетс, Њу Џерси, Род Ајленд и Пенсилванија.

Само во Њујорк и Конектикат биле регистрирани по повеќе од 20.000 домаќинства и деловни објекти без струја. Претходно во текот на денот, во Конектикат, Њујорк, Пенсилванија и Њу Џерси вкупниот број прекини во снабдувањето надминал 100.000.

Поплавите зафатиле делови од Њу Џерси, од округот Берген на северот до Кејп Меј во јужниот дел на државата. Во неколку крајбрежни населени места биле организирани доброволни евакуации.

Невремето влијаело и врз воздушниот сообраќај. Според сервисот FlightAware, до 21:50 часот по локално време во саботата биле откажани 445 летови поврзани со американските аеродроми, додека 3.016 летови доцнеле.

Одложен бил и концертот на рок-групата AC/DC на стадионот „Метлајф“ во Ист Радерфорд. Настапот, кој требало да се одржи во петокот, е презакажан за 2 октомври.

Американската Национална метеоролошка служба предупреди дека невремето до понеделник ќе предизвикува крајбрежни поплави, опасни морски струи, силни налети на ветер и обилни врнежи во регионите на Средниот Атлантик и Нова Англија.

Гувернерите на Њујорк и Њу Џерси во петокот прогласиле вонредна состојба во окрузите за кои се очекувало да бидат најсилно погодени, меѓу кои и Њујорк. Гувернерот на Конектикат, пак, го активирал државниот центар за управување со вонредни ситуации.