Словенечкиот судија Славко Винчиќ ќе го суди финалето на Светското првенство, кое ќе се игра во недела во 21:00 часот во Њу Џерси.

ФИФА објави видео во кое претседателот на Судиската комисија на ФИФА, легендарниот италијански судија Пјерлуиџи Колина го информира Винчиќ дека е избран за главен судија на финалниот натпревар.

Словенечкиот судија емотивно реагираше на веста дека ја добил најголемата чест во својата кариера и не можеше да ги скрие емоциите, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

За 46-годишниот Винчиќ, ова е врвот на неговата судиска кариера. Претходно, тој го судеше финалето на Лигата на Европа во 2022 година, во кое Ајнтрахт го победи Ренџерс по изведувањето пенали, како и финалето на Лигата на шампионите во 2024 година, кога Реал Мадрид ја победи Борусија Дортмунд.

Винчиќ стекна искуство и на Светското првенство во Катар 2022 година, а на овогодинешното Светско првенство ја делеше правдата во натпреварите од групната фаза помеѓу Бразил – Мароко и Јордан – Алжир, како и во осминафиналниот натпревар помеѓу Мексико и Еквадор.

Неговото назначување привлече внимание и поради претходните натпревари кога им судеше на финалистите. На Аргентина и судеше на отворањето на Светското првенство во Катар, кога актуелниот светски шампион беше поразен од Саудиска Арабија со резултат од 2:1.

Аргентина подоцна го освои светското првенство.

Винчиќ и судеше против Шпанија во пет натпревари, од кои четири беа официјални, вклучувајќи ја победата над Франција во полуфиналето на Европското првенство 2024 и триумфот против Италија во полуфиналето на Лигата на нации 2023.

Во финалето, ќе му помагаат сонародниците Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ, додека Јорданецот Адам Махахмед е назначен за четврти судија.