Македонија тоне во насилен криминал и хаос затоа што институциите шуруваат со криминалот, рече денес на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
-Ве повикувам да погледнете едно видео. Ова е Самед Мисини од Ласкарци, во Јули 2022 година, кога испукува најмалку една цела рамка од огнено оружје! Ова пукањето е кривично дело член 396 став 2. Покрај пукањето, Мисини се поврзува и со насилство против изборите за бркање на гласачи и набљудувачи во Ласкарци, како и со напад и тепање на бизнисмен во кабинетот на Шилегов веднаш по локалните избори, кога при полициска интервенција пронајдено е и оружје. Секако, нема казна за Мисини. Мисини е бизнисмен, градежник, добитник на тендери од Скопје под Шилегов, а до сега иако има повеќе документи за дела во полицијата, никогаш ништо не е реализирано, – рече Стоилковски.
Според него, за ова постои оперативен извештај до Единицата за недозволена трговија, но не се преземени никакви оперативни мерки. – Нема претрес, нема барање на оружјето, нема казна, рече Стоилковски.
Како што вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, причина за неказнувањето е што главен гостин и сведок на пукањето, во случајот свадба кај Мисини, бил директорот на БЈБ Сашо Тасевски со семејството.
Стоилковски, исто така, побара Тасевски да го пријави до ДКСК станот во којшто живее од пред Нова година, а кој, според него, е стан во една од зградите изградени од Мисини.