Во населеното место Петропавливска Боршахивка, на периферијата на Киев, синоќа избувнаа судири со полицијата откако цивили се собраа пред зграда во која се сместени припадници на Националната гарда. Тензиите ескалираа по гласините за наводно малтретирање на војници.
Во официјалното соопштение од Првиот корпус на Националната гарда „Азов“ се наведува дека се прошириле непроверени информации дека припадници на војската биле нелегално притворени и мачени во привремен сместувачки објект. Според нив, некои од војниците неодамна биле мобилизирани, додека останатите биле притворени откако самоволно ја напуштиле својата воена единица и чекале прераспределба, при што четири војници биле повредени и испратени на прегледи.
„Командата на Националната гарда, во соработка со полицијата и со другите надлежни служби, ја презеде контролата врз истрагата за овој случај. Доколку се докаже дека на територијата на воениот објект се случиле какви било нелегални насилни дејствија, одговорните ќе бидат соодветно казнети“, објави Првиот корпус на Националната гарда.
Украинската Национална гарда објави дека подоцна ќе соопшти детали за повредите и здравствената состојба на војниците, нагласувајќи дека нема загинати лица во објектот.
Полицијата потврди дека интервенирала на местото на настанот и ги отфрли тврдењата за нелегално притворање или смртни случаи. Според соопштението, службениците реагирале по повик од вработен во приватна амбуланта кој пријавил оневозможен пристап до маж во објектот, каде полицајците затекнале гардисти и насобрани локални жители.
Според извештаите, голема толпа луѓе се собрала пред зградата за да изрази револт поради информациите за наводно незаконско држење на неколку десетици лица. Демонстрантите фрлале јајца кон безбедносните сили и се обиделе насилно да пробијат ѕид, по што полицијата употребила солзавец и испукала предупредувачки истрели во воздух, додека автобус се обидувал да евакуира дел од приведените.
На социјалните мрежи беа објавени видеоснимки од тензичната атмосфера, а на одредени канали се тврдеше дека вооружени лица држат заложници во подрумските простории. Украинскиот министер за внатрешни работи Иван Вихивски соопшти дека на семејствата на војниците им е овозможен контакт и дека на терен се присутни медицински лица и јавни претставници.
Олха Решетилова, украински воен омбудсман, истакна дека се води детална истрага за сите околности на инцидентот.
„Ние сме на местото на настанот во Петропавливска Боршчахивка заедно со командата на Националната гарда на Украина. Целиот воен персонал е безбеден и добива медицинска помош“, рече Решетилова.
Околу 22 часот на локацијата пристигна и раководителот на Кабинетот на украинскиот претседател, Кирил Буданов.
„Дојдов тука за да разберам што по ѓаволите се случува“, рече Буданов.
Тој појасни дека во зградата се наоѓале 14 лица и дека демонстрантите го попречиле транспортот на повредените војници.
„Ова едноставно не треба да се случува и не е во ред“, изјави Буданов.
