Ново обвинение и одговорност за жртвите кои пред 2 години загинаа во пожарот во модуларната болница во Тетово, бараат семејствата на загинатите. Со транспаренти и 14 изгорени маици кои ги симболизираат жртвите во пожарот, семејставата на загинатите прашуваат – колку чини човечкиот живот? Зошто нема ниту една затворска казна? Незадоволни од пресудата за изречените условни казни за двајцата директори на болницата, бараат пред правдата да одговараат оние кои се навистина виновни за пожарот, објавува Сител.
– Црниот чад што го прекри градот таа ноќ, денеска ја покрива правдата во оваа земја. Довербата во правосудниот систем е нула. Корупцијата убива. Судството и Обвинителството се дел и бранители на организираниот криминал, корупцијата, злото и олигархијата. 14 жртви, нула денови затвор, изјави Мумин Исмаили, организатор на протестот, чија мајка беше една од жртвите во пожарот.
Основното обвинителство пред две години вината за пожарот ја лоцираше во продолжениот кабел, на кој биле приклучени дефирилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Поднесени беа кривични пријави против 2 директори, докторот и Клиничката боница, по што беа изречени 2 условни казни и една ослободителна пресуда. Токму против правосудниот систем беа искажани најмногу осуди, а се побара и смена на главниот обвинител Јовески, заедно со обвинителите од Тетово. Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат и во иднина.