Хеликоптери го гаснат пожарот кај Чучер и Блаце

Утрово, три хеликоптери интензивно дејствуваат во гаснењето на пожарот кој избувна на територијата на Општина Чучер Сандево, опфаќајќи го подрачјето меѓу селата Чучер и Блаце, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Покрај воздушната интервенција, на терен се вклучени и екипи од Противпожарната единица на Град Скопје, претставници од комуналното претпријатие и волонтери на Црвениот крст, кои користат специјален базен за полнење вода со хеликоптерите.

Ангелов: Можно е фрлен отпушок од возило или подметнување

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, истакна дека пожарот најверојатно е предизвикан од човечки фактор – отпушок од цигара или намерно палење.

  • „Од мое непосредно забележување можам да кажам дека овој пожар изби непосредно до магистралниот пат кон Блаце и можна причина е фрлен отпушок од цигара од возило во движење или намерно потпалување. Затоа, апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и никогаш да не фрлаат отпушоци од цигари надвор од возило, дури и тогаш кога се убедени дека се изгаснати“, изјави Ангелов.

Погледнете го видеото.

Активни пожари и во Прилеп, Македонски Брод и Чашка

Покрај пожарот во скопскиот регион, ЦУК извести и за уште три активни жаришта низ државата:

  • кај селото Бешиште во Прилепскиот регион,

  • кај селото Црешнево во општина Македонски Брод,

  • и под Солунска Глава во општина Чашка.

На сите локации се интервенира со различен интензитет, а теренот е тежок за пристап, што ја отежнува интервенцијата. Вчера и премиерот Мицкоски ја коментираше ситуацијата со пожарите. Прочитајте повеќе од веста во продолжение:

(ФОТО) Мицкоски: 38 возила се ставени во употреба за гаснење на пожарите