Општина Ѓорче Петров станува дел од меѓународен европски проект за справување со последиците од глобалното затоплување, во чии рамки во населбата Волково ќе биде изграден нов парк опремен со иновативни решенија за намалување на екстремно високите температури на локално ниво.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, на терен во Волково ги пречека проектните партнери од седум европски држави, кои учествуваат во оваа иницијатива предводена од Општина Цеље од Словенија.

Проектот се финансира преку програмата Interreg Euro-MED на Европската комисија и има вкупна вредност од околу 190.000 евра. Од оваа сума, приближно 70.000 евра се наменети директно за градежните работи и парковското уредување на новата зелена површина во Волково.

Стојкоски со европските партнери во Волково

Стојкоски истакна дека станува збор за исклучително значаен и пионерски потфат со кој локалната самоуправа се вклучува во европските напори за ублажување на штетните последици од климатските промени и сузбивање на појавата на таканаречените „топлински острови“ во урбаните и руралните зони.

„Ѓорче Петров, мислам дека е прва општина во Република Македонија која ќе се приклучи на ваков тип интервенција“, истакна Стојкоски.

Градоначалникот додаде дека проектот директно ќе придонесе за создавање поквалитетна и поздрава животна средина за сите жители на овој дел од градот.

Презентација на проектот за паркот во Волково

Првиот човек на општината нагласи дека воспоставената соработка со странските партнери, како и со домашниот граѓански сектор, создава одлични можности за идна комуникација и заедничко аплицирање за нови европски грантови насочени кон заштитата на животната средина.

Стојкоски упати јавна благодарност до координаторот на проектот, оперативниот тим задолжен за изведбата, како и до сите гости и партнери кои даваат придонес во реализацијата. Новиот парк во Волково е замислен како пилот-проект кој ќе послужи како пример за имплементација на модерни еколошки стандарди во македонските општини.