Уредникот на Радио Лидер, Љупчо Златев, упати јавен апел до раководството на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ да ја преиспита позицијата на универзитетскиот професор Петар Богојески, по неговите контроверзни изјави за жените, семејното насилство и потребата од „машки надзор“. Во емисијата „Утринско еспресо“, Златев порача дека човек со такви ставови не треба да биде дел од образованието на идните офицери на македонската Армија.
Повод за реакцијата беа изјавите на Богојески во телевизиска дебата на националната телевизија Алфа, во која тој говореше за брачните односи, неверството и феминизмот.
Богојески, кој е и претседател на политичката партија Македонски концепт, во дебатата тврдеше дека реакцијата на сопругот по неверство од сопругата претставува заштита на неговото достоинство, а не насилство. Тој исто така изјави дека феминизмот ги натерал жените да отфрлат секаков „машки надзор“.
Златев оцени дека ваквите ставови се неприфатливи, особено кога доаѓаат од универзитетски професор кој учествува во образованието на идните припадници на Армијата.
-Но, она што е трагично во целата оваа ситуација, Мери, е тоа што овој човек е професор. Овој човек е педагог. Овој човек ги образува идните офицери, идните генерали, идните капетани, идните војници на македонската армија. Тој е професор на Воената академија која го носи името на еден од најголемите македонски великани, Михаил Апостолски, изјави Златев.
Јавен повик до Воената академија да ја преиспита позицијата на Богојески
Уредникот на Радио Лидер нагласи дека прашањето не е само во индивидуалните ставови на Богојески, туку и во одговорноста на високообразовните институции кои ги подготвуваат идните офицери.
-Замислете, вие сте млад маж или млада жена која целиот свој живот го посветила на патриотизам. Сакате да се борите за вашата земја, да ја браните вашата земја. Сте се запишале на Воена академија, каде што буквално ве учат како да одговорите на предизвици кои се опасни по вашиот живот. Ве учат дека вие еден ден можеби ќе треба да го ризикувате вашиот живот за колективното добро, односно за цела нација, и вам ви предава ваков човек, рече Златев.
Тој најави дека ќе испрати и официјално обраќање до раководството на Академијата.
-Го повикувам деканот на Воената академија, ќе му упатам денеска имејлови, да ја преиспита позицијата на овој човек. Го повикувам Наставно-научниот совет на Универзитетот Гоце Делчев во Штип да преиспита дали ваков човек треба да ги образува идните офицери, идните генерали, идните борци за Македонија“, порача Златев.
Според него, станува збор за прашање кое директно ја засега довербата на родителите и граѓаните во образовниот систем.
-Еве, прашањето ми е дали воопшто вреди некој да го запише своето дете за овој човек да му предава, праша Златев.
Симоновска: Жените не смеат да бидат под ничиј надзор
Во разговорот се вклучи и новинарката Мери Симоновска, која нагласи дека не ја проследила целосната телевизиска дебата, но дека ставовите според кои жените треба да бидат под машки надзор се неприфатливи.
-Секој оној кој, без разлика дали е професор, дали е работник на градилиште или било кој, има ставови дека треба некоја жена да биде под нечиј надзор, треба да се преиспита дали тој човек треба да има место во медиумскиот простор, изјави Симоновска.
Таа посочи дека родовата еднаквост и заштитата на жените мора да бидат основни општествени вредности.
-Ние зборуваме за дваесет и први век, каде што жените ги уживаат сите права и треба да ги уживаат сите права, бидејќи сме тотално еднакви на мажите“, додаде Симоновска, нагласувајќи дека жените не треба да бидат под ничиј надзор.
Златев: Ќе барам одговор и од министерката Весна Јаневска
Во продолжението на емисијата Златев најави дека прашањето ќе го отвори и пред министерката за образование и наука Весна Јаневска, при нејзиното следно гостување во Радио Лидер, доколку академската заедница не реагира.
-Ако помине ова, академска фела не постои. И следното доаѓање на министерката Весна Јаневска ќе ги пуштам сите овие изјави овде во емисијата и ќе барам од неа да ми одговори како е можно ваков човек да биде дел од образовниот процес во Македонија, рече Златев.
Тој се осврна и на политичката позиција на Богојески, кој ја предводи партијата Македонски концепт.
-Ако има политичка партија и ако неговата политичка партија треба некој да ѝ удоволи нешто, не мора да ѝ удоволи на грбот на нашите деца. Не мора да ѝ удоволи на солзите на жените низ Македонија“, изјави Златев.
Уредникот на Радио Лидер истакна дека ова не е првпат да има проблем со јавните настапи на Богојески. Според неговите тврдења, при претходно гостување во радиото Богојески користел навредливи изрази за припадници на верски и расни групи, поради што дел од содржината морал да биде отстранет од социјалните мрежи.
Златев изјави и дека Богојески, по објавувањето на текстот за неговите ставови, упатил навреди кон него и кон новинарот Бранко Героски. Овие наводи во емисијата беа изнесени од Златев.
Слободата на говорот завршува онаму каде што почнува безбедноста на другиот.
На крајот од разговорот, Златев и Симоновска се осврнаа на проблемот со семејното насилство во Македонија и на потребата институциите да обезбедат соодветна заштита на жртвите.
Симоновска укажа на зголемениот број пријави за семејно насилство и на значењето на институционалното постапување, нагласувајќи дека општеството треба да ја стави заштитата на жените меѓу своите приоритети.
Златев, пак, порача дека слободата на изразување мора да се разгледува и низ призмата на одговорноста за последиците од јавно изнесените ставови.
-Јас поддржувам слобода на говор, но слободата на говорот завршува онаму каде што почнува безбедноста на другиот. Слободата на говор завршува онаму каде што некој вечерва ќе плаче поради вашата слобода на говор“, порача Златев.
Петар Богојески во 2025 година беше избран во наставно-научно звање доцент во областа економија и бизнис на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
По јавниот апел на Златев, останува отворено прашањето дали раководството на Воената академија, академската заедница и надлежните институции ќе се произнесат за изјавите на Богојески и неговиот ангажман во образованието на идниот офицерски кадар.