Висок водостој е регистриран на реките во источниот дел од државата, откако на одделни локации наврнаа и до 50 литри дожд на метар квадратен. Надлежните служби ја следат состојбата на терен, при што засега нема сериозни закани по објектите и населението.

Каменичка река на пик, зголемен доток во „Калиманци“

Каменичка река го достигна својот максимум, а според информациите од Водостопанство Брегалница во акумулацијата „Калиманци“ се влеваат околу 29 кубни метри вода во секунда. Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, изјави дека коритото во градскиот дел е доволно длабоко и дека во моментов постои простор водостојот да се зголеми без да се загрозат околните куќи. Таа додаде дека екипите и механизацијата се на терен и ќе интервенираат доколку се јави потреба.

Зголемен водостој и кај Голема, Мала и Кочанска река

Слична состојба е забележана и кај Голема и Мала река, кои во браната „Гратче“ акумулираат околу 10 кубни метри вода во секунда, при што на одредени места се излеале од коритата кај викенд-населбите. Кочанска река, пак, во градскиот дел е над вообичаеното ниво и локално го поплавува речното корито. Сепак, надлежните посочуваат дека врнежите престанале и дека состојбата постепено се стабилизира.

Брегалница под контрола, без опасност од излевање

Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, изјави дека водостојот на Кочанска река од браната „Гратче“ до градот е зголемен, но не е алармантен и нема поплави, особено на делот кон Подлог, кој претходно бил исчистен во координација со Водостопанство. И реката Брегалница, поради големиот број притоки, има зголемен водостој, но коритото засега ги прифаќа надојдените води и нема ризик од излевање.