Осуда од ОН за убиството на палестински новинари во Појасот Газа во израелски напад
Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права го осуди убиството на шест палестински новинари од страна на израелските сили во Појасот Газа преку ноќ. Соопштението беше објавено на „X“.
Петмина новинари на телевизијата Ал Џезира беа убиени, како и еден хонорарен новинар што повремено соработуваше со локалните медиуми. Сите тие беа во истиот шатор, кој беше цел на израелската армија.
Високиот комесар на ОН го обвини Израел за „таргетирање на шаторот“ каде што се наоѓаа вработените во Ал Џезира. Овој чин, според него, претставува „сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.
Телевизијата со седиште во Катар објави дека нападот бил целен и извршен врз шатор што го користат нивните новинари во градот Газа, пред болницата Ал-Шифа.
Израелската војска призна дека го таргетирала новинарот Анас ал-Шариф, кој е еден од убиените и беше истакната фигура меѓу дописниците што секојдневно известуваа за конфликтот. Тие го означија како „терорист“.
Високиот комесар истакна дека Израел треба да ги почитува и заштитува сите цивили, вклучувајќи ги и новинарите. Тој потсети дека најмалку 242 палестински новинари се убиени во Газа од 7 октомври 2023 година.
Обединетите нации повторија повик за „непосреден, непречен пристап до Газа за сите новинари“. Го осудија убиството на палестински новинари.
Организацијата за заштита на медиумите „Репортери без граници“ го осуди убиството на новинарот Анас ал-Шариф „најсилно и најогорчено“. Таа исто така посочи дека израелската војска ја презела одговорноста и го опиша како глас на страдањето што Израел им го нанесува на Палестинците во Газа.