Американските посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ја завршија посетата на Украина, во рамките на обновените напори за запирање на руско-украинската војна, која трае четири и пол години. Во Киев тие разговараа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а меѓу главните теми биле Донбас, ракетната одбрана и безбедносните гаранции.
Виткоф и Кушнер денеска одржаа две рунди разговори со Зеленски. На третата рунда им се придружија и советниците за национална безбедност на Велика Британија, Франција и Германија. Детали од разговорите не беа соопштени во јавноста.
Виткоф ги оцени разговорите во Москва и средбите одржани денеска во Киев како „охрабрувачки, суштински и важни“. Тој порача дека за американскиот претседател Доналд Трамп е важно не само да заврши војната, туку и да се создадат услови за траен мир.
„Двете страни мора да дојдат до решение, а мојата и задачата на Џаред е да ги зближиме страните, да ги стесниме разликите меѓу нив и да воспоставиме добри канали за комуникација. Се надеваме дека конструктивно го започнавме тој процес во изминатите 48 часа и уверени сме дека ќе се постигне добро решение“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на САД.
За украинскиот претседател Володимир Зеленски, Донбас претставува „прашање на војната“. Тој изрази уверување дека одбраната на Киев ќе биде зајакната и им се заблагодари на американските посредници за посетата, како и на претседателот Трамп за поддршката што ѝ ја дава на Украина.
Зеленски во шега рече дека Виткоф и Кушнер во изминатите денови ги заштитиле подобро од системите „Патриот“ и ги покани почесто да доаѓаат во Киев. Со ова тој алудираше на тридневното запирање на руските воздушни напади врз украинскиот главен град за време на нивната посета.
Украинскиот претседател најави и дека земјата ќе го зголеми производството на сопствените системи за противбалистички ракети.
„Прашањето за Донбас не е само прашање за Донбас. Меѓу нас кажано, верувам дека ова е клучното прашање на оваа војна. Војна и за опстанок и за исцрпување. А станува збор и за територијално прашање, што е и цел на руската страна. Јасно е дека тоа е истурена позиција на Украина во многу погледи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Ова е прва официјална посета на Виткоф и Кушнер на Москва и Киев од јануари. Со неа американската администрација се обидува повторно да ги заживее напорите за ставање крај на војната во Украина.
Фокусот на Вашингтон врз руско-украинската војна во изминатите шест месеци изгуби на интензитет, бидејќи вниманието на американската администрација беше насочено кон Иран.
Посетата на американските претставници на Русија и Украина се одвива во период на интензивирани воздушни кампањи. За време на разговорите со Виткоф и Кушнер, рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски се согласија да ги прекинат нападите врз главните градови.
Меѓу Москва и Киев и натаму постојат големи и длабоки разлики во однос на основните услови за можен мировен договор. Русија бара територијални отстапки од Украина и откажување на Киев од намерата за членство во НАТО, услови што украинската страна категорично ги отфрла.
