Платежниот гигант „Виза“ ќе спроведе големо намалување на бројот на вработени, при што околу 2.600 лица би можеле да останат без работа. Мерката е дел од поширока реорганизација на компанијата, која има за цел промена на начинот на работење и пренасочување на инвестициите кон сегменти со поголем потенцијал за раст.
Според интерен меморандум од компанијата до кој дошол Си-ен-би-си, намалувањето ќе опфати околу седум отсто од вкупната работна сила на „Виза“. Најголем дел од укинатите позиции ќе бидат во технолошките и производствените операции.
Автентичноста на документот ја потврдил извор запознаен со состојбата, кој навел дека засегнатите вработени ќе бидат контактирани во вторник за да бидат информирани за следните чекори и за можностите за поддршка при транзицијата.
Извршниот директор на „Виза“, Рајан Мекинерни, во интерниот документ објаснил дека компанијата мора да продолжи да го менува начинот на работа за да ги искористи идните можности и да биде подобро позиционирана за претстојните промени.
„За да ги искористиме можностите што претстојат и да ја позиционираме Виза во најдобра позиција да ја води оваа трансформација, мора да продолжиме да го развиваме начинот на кој работиме. Вештачката интелигенција, исто така, помага да се забрза оваа еволуција и да се обликува начинот на кој се работи во Виза“, напишал Мекинерни.
Најавените отпуштања доаѓаат во период кога финансиските и технолошките компании сè повеќе се потпираат на вештачката интелигенција за автоматизирање на одредени задачи, особено во техничките области како развојот на софтвер. Во исто време, компаниите настојуваат да ги ограничат трошоците по неколку години на интензивно вработување.
„Виза“ на крајот од последната фискална година имала околу 34.100 вработени. Сепак, според извор директно запознаен со прашањето, вештачката интелигенција не е единствениот фактор што довел до одлуката за намалување на работните места.
Изворот, кој не сакал да биде идентификуван, посочил дека станува збор за комбинација од повеќе фактори поврзани со идната стратегија на компанијата и нејзиното прилагодување на новите услови во индустријата.
