Во Владата дебата за планот за раст и реформската агенда. Обраќања на премиерот Мицкоски, вицепремиерот за евроинтеграции Муртезани, шведската амбасадорка во земјава Ларсон Џејн и експерти.

  • „Нашата држава се наоѓа на критична раскрсница, помеѓу комфорната стагнација и потребата од храбри, суштински реформи. Планот за раст и Реформската агенда не се само формални предуслови за евроинтеграција, туку се инструмент за темелно оздравување на општеството. Корупцијата кај нас не е поединечна девијација, туку систем кој се штити сам себе и ги уценува граѓаните да „платат за да добијат“. Без деполитизирано судство, без отчетни институции и заштитени обвинители и судии, не можеме да зборуваме за европска иднина. Затоа, реформите во правосудството мора да бидат прв приоритет“, изјави премиерот Мицкоски.

Се огласи и Муртезани.

  • Дозволете да го подвлечам следново: иднината не се случува, таа се гради. А во нашето градење, мора да се потпираме врз податоци, правна сигурност, институционална соработка и постојана јавна комуникација. Преку воспоставувањето на нови законски рамки за јавното обвинителство и судските совети, преку воспоставување регионални центри за стручно образование, преку креирање модели за иновативна и зелена економија, ние не градиме „европеизација на хартија“, туку развој што се мери преку доверба, инклузивност и одржливост, вели Муртезани.

Поддршката на ЕУ важен дел од македонските евроинтеграции и планот за раст.

  • Како Министер за европски прашања, јас не ја координирам оваа Агенда сам. Таа е составена, обликувана и спроведувана заедно со институции, со поддршка од ЕУ, но и со гласот на граѓаните. Обврска на Министерството за европски прашања е да обезбедиме експертиза, ефикасност и видливост на Реформската агенда, меѓу останатите редовни активности. Како Министерство за европски прашања, ние остануваме целосно отворени за дијалог, консултација и заедничко дејствување. Имаме обврска да ја претставуваме државата пред ЕУ, но имаме и обврска да ја претставуваме Унијата пред граѓаните, преку вредности, принципи и дела.