Владата сака да биде проевропска и да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. За ова имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед, изјави синоќа премиерот Христијан Мицкоски. Опозицијата, пак, вчера се огласи со повтоно барање за затворена собраниска седница за власта да го каже планот за евроинтегративниот процес на земјава.

СДСМ побара ваква седница откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ, со што практично би се раздвоила од Северна Македонија, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера во изјава за медиумите повторно го повика премиерот Мицкоски д свика ваква седница на која ќе образложи каков е планот и идните чекори за европската интеграција на државата.

– Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата. Тие се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период. Кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа досега од тоа не видовме ништо. Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преоварачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за Владата и премиерот да го кажат планот за нашиот евроинтегративен процес, изјави Филипче во Крива Паланка.

Филипче вели дека опозицијата ќе даде поддршка на секоја владина стратегија која, како што рече, ќе значи подобар живот за граѓаните, но дека нема да прифатат празни ветувања.

– Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со огромни ветувања дека ќе ја подобрат нашата позиција во тој преговарачки процес, дека ќе обезбедат подобри услови. Имајќи предвид дека тоа не се случува, а тие го блокираа европскиот интегративен процес, а тоа не го кажаа за време на кампањата. Доколку тоа не се случи, ќе стане очигледно дека станува збор за една голема лага. Во таа смисла, ние ќе чекаме да видиме како ќе се одвива тој процес, ќе ја поддржиме секоја стратегија на Владата која што ќе ни обезбеди подобри услови во процесот на преговори. Но, нема да служиме за алиби ниту ќе гледаме како тие ја манипулираат и ја лажат јавноста и граѓаните, рече Филипче

Премиерот Мицкоски минатата недела по првиот повик на Филипче да се свика ваква седница изјави дека многу наскоро ќе излезат со став за предлогот на опозицијата.

– Во ред, ќе го анализираме предлогот на Филипче и многу брзо од денеска ќе дадеме конкретна позиција во врска со овој предлог, рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања по посетата на армискиот полигон Криволак.

Вчера, во емисијата „100 дена Влада“, Мицкоски рече дека Владата сака да биде проевропска и да ја види државата интегрирана во рамки на ЕУ, но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во која што би биле со сочувано достоинство. За ова, вели Мицкоски, имаме поддршка од 26 земји членки, освен од нашиот источен сосед.

Според него, е чудно тоа што Бугарија го одбила предлогот на Унгарија како претседавач на Европската унија да биде медијатор во целиот процес, иако претходно велела дека проблемот е на Европската унија.

– Бугарските политичари сега викаат дека нема потреба некој да биде медијатор, ќе преговараме билатерално, а до скоро викаа дека ова е проблем на Европската унија. Сега, кога претседавачот на ЕУ вика да седнеме на маса, велат нема потреба. Нели е тоа малку чудно и создава сомнеж и недоверба дека овој процес ќе има изгледни шанси да заврши еден ден, истакна Мицкоски.

Вели дека во моментот нема предвидливо решение и проблем е што не е јасен патот и целта.

– Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала кко што е Преспанскиот договор кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО. Велат дека Преспанскиот договор бил ремек дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме – уставните амандмани да важат кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме, нагласи Мицкоски.

Портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро на 27 септември изјави дек ставот на Европската комисија е многу јасен и дека таа со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ што е можно поскоро и со Албанија и со Северна Македонија, откако земјава „ќе ги исполни релевантните критериуми договорени со Советот“ на ЕУ. Таа додаде дека тие „релевантни критериуми“ ги опфаќаат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот, нагласувајќи дека Европскиот совет ја повика земјава да го забрза спроведувањето на овие измени.