Прагот од два отсто за собирање потписи за независните листи во Предлог-измените на Изборниот законик ќе биде намален, веројатно на еден отсто или можеби и укинат. Како ќе одлучат пратениците, јас како политичар тоа ќе го поддржам, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Ги слушнав пратениците буквално од сите пратенички групи дека укажувањето од стручната јавност се прифатливи. И верувам дека веќе е изнајдено решение. Така да, Изборниот законик ќе биде согласно укажувањата коишто стигнаа и од експертската јавност, но и од помалкубројните и незвисните така да кажам, заради тоа што тие оценија дека не е коректно поголемите партии да го определуваат процентот или прагот на неопходен број на собрани потписи за поднесување на независните листи. Видов дека има амбиент и ќе биде намалено два отсто веројатно на еден отсто или можеби укинат. Како ќе одлучат пратениците секако јас како политичар тоа ќе го поддржам, рече Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на автоматизиран систем за наводнување во Општина Валандово.

Во однос на можностите за коалицирање на претстојните локални избори, Заев рече дека коалицијата ги изградила коалициските аспекти, и меѓусебната поддршка е јасно видлива.

– Секаде каде што ќе немаме кандидати се поддржуваме еден со друг, секаде каде што ќе имаме одиме граѓаните да ни дадат насоки како е најдобро за нив, а веднаш во вториот круг да си ја дадеме поддршката. Тоа е за мене огромна демократска вредност и доблест. Сум благодарен на лидерите на ДПА, БЕСА, ДУИ досега, но сум благодарен и на лидерите на помалите коалициски партнери кои што се со нас, вели Заев.

Предлог-измените на Изборниот законик, којшто е во собраниска процедура, предвидува дека независните листи мора да соберат потписи од два отсто од избирачите во една општина за да се кандидираат на локалните избори.