Сообраќајот се одвива без застои, но условите бараат зголемена претпазливост

Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива непречено, но поради претежно влажните коловози и повремените врнежи од снег се препорачува зголемено внимание при возењето, информира Авто-мото Сојузот на Македонија.

Од АМСМ соопштуваат дека интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Појава на магла и намалена видливост до 100 метри е регистрирана на планинските превои Ѓавато и Стража, каде што се советува особено внимателно управување со возилата.

Зимска опрема задолжителна, можна појава на одрони

АМСМ апелира возачите задолжително да користат зимска опрема, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот. Посебно внимание се препорачува на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои зголемен ризик од одрони, како што се правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од АМСМ потсетуваат дека законската обврска за поседување зимска опрема важи од 15 ноември 2025 година и ќе трае до 15 март 2026 година, без оглед на моменталните временски услови. Воедно, координираните активности на надлежните институции продолжуваат и во наредниот период, со цел обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Сезонски режим на сообраќај е воведен и на патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, кој е затворен за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.