Препораките на министерствата за надворешни работи за патување во овој регион континуирано се менуваа низ годините поради различни конфликти и безбедносни закани. И денеска на сила е препораката да не се патува во одредени делови од оваа земја, додека за другите области се советува избегнување на сите патувања освен оние што се апсолутно неопходни.

Сепак, наспроти овие околности, блискоисточната земја неодамна забележа нов бран на инвестиции во туристичкиот сектор. Реновираниот национален музеј на Ирак треба официјално да биде отворен за посетителите во текот на следниот месец.

Музејот во Багдад беше затворен во период од две години, а во неговиот комплекс се сместени десетици илјади вредни антиквитети поврзани со богатото историско минато на земјата. Оваа институција беше ограбена во 2003 година за време на воената инвазија предводена од САД, по што во изминатите децении беше затворана во неколку наврати.

Повторното отворање претставува клучен чекор во засилените напори на Ирак за обнова на своите историски споменици и за привлекување поголем број странски туристи.

Како дел од сеопфатните планови, во моментов се градат нови хотелски капацитети, додека значајни историски локалитети, вклучително и Абасидската палата што потекнува од 12 век, се целосно санирани и повторно достапни за јавноста. Дополнително, предвидено е и Музејот на културата во Мосул повторно да ги отвори своите врати за посетителите до крајот на тековната година.

Повеќе од 80 милијарди долари се инвестирани во ирачкиот регион Курдистан, област за која британскиот Форин офис сè уште советува воздржување од патувања освен за најнеопходни потреби. И покрај препораките, бројот на регистрирани туристи во тој дел бележи огромен раст од 377.000 во 2006 година на осум милиони посетители во 2024 година.

Од почетокот на воените тензии со Иран на почетокот на годинава, туристичкиот сектор на Блискиот Исток трпи значителни последици поради честите прекини на воздушниот сообраќај и редовните ревизии на официјалните препораки за патување.

Одредени патници и понатаму не се откажуваат од своите патни аранжмани, при што специјализирани туристички агенции како што е „Untamed Borders“ продолжуваат да организираат тури во Ирак.

„На прв поглед, Ирак можеби не изгледа како најочигледната туристичка дестинација, но земјата има богатство на локации од светска класа“, истакна Џејмс Вилкокс.

„Вавилон и Багдад ја евоцираат историјата и мистеријата на Блискиот Исток. Овие инвестиции во античките места и туристичката инфраструктура во Ирак несомнено ќе придонесат земјата да стане значајна туристичка сила во регионот“, додаде Вилкокс.

„Иако нестабилноста значи дека многу посетители се претпазливи, патувањето во Ирак е можно и вредно“, посочи Вилкокс.

Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство упати апел дека сите туристи што посетуваат региони со издадени безбедносни предупредувања мора навремено да обезбедат соодветно осигурување.

„Ако одлучите да патувате и покрај советите на FCDO, истражете ги вашите дестинации и добијте соодветно патничко осигурување. Осигурувањето треба да ги покрие вашата маршрута, планираните активности и итни трошоци“, предупредуваат од британското министерство.