ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ставовите на Филипче се совпаѓаат со бугарските позиции за евроинтеграциите

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека има исти ставови со бугарски претставници во однос на евроинтегративниот процес на Македонија и уставните измени.

Од партијата наведуваат дека Филипче и бугарската министерка за надворешни работи „се на ист став“ кога станува збор за преговорите со Европската Унија.

„Венко Филипче и министерката за надворешни работи на Бугарија се на ист став, велат дека преговарале за Македонија со Европа, а не со Бугарија“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ тврди и дека лидерот на СДСМ поддржува уставни измени без обезбедени гаранции за македонскиот евроинтегративен процес.

„Но, Венко Филипче исто така цврсто стои на ставот оти смета дека треба да се спроведат уставни измени без никаква гаранција за Македонија на евроинтегративниот пат. Ова би му дозволило на Бугарија и понатаму да ја ветоизира Македонија“, наведуваат од партијата.

Критики и за Рубин Земон и средбата со Виктор Стојанов

Во соопштението се споменува и Рубин Земон, за кого ВМРО-ДПМНЕ наведува дека бил дел од Извршниот одбор на СДСМ.

Од партијата посочуваат дека во јавноста била објавена фотографија од Земон на тркалезна маса со Виктор Стојанов.

„Филипче исто така е на ист став со Виктор Стојанов од Фондацијата ,,Македонија“, која има за цел во Македонија да шири бугарска пропаганда, говор на омраза кон Македонците и да го негира македонскиот идентитет“, се наведува во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче не се оградил од Земон.

„За ниедна од двете ситуации поврзани со Рубин Земон, Филипче не кажа ништо, ниту се огради од него“, стои во соопштението.

Граѓаните испратија порака на изборите

Во партиската реакција се споменуваат и ставови на Румен Радев во однос на македонскиот идентитет и јазик.

„Ставовите на новиот премиер на Бугарија, Румен Радев, се јасни, дека македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот, македонските револуционери се Бугари, и дека македонскиот и бугарскиот народ се ист, само во две држави“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата порачуваат дека граѓаните веќе испратиле порака на изборите до СДСМ и Филипче.

„Граѓаните неколкупати испратија пораки на избори до СДС и Филипче. Наместо да се занимаваат со бугаризација на Македонија, со релативизирање на македонскиот идентитет, и да се обидуваат да го продадат тоа како некоја европска приказна, СДС и Филипче да почнат да се занимаваат со работите дома“, се вели во соопштението.

Во реакцијата се додава и дека „од позиција на опозиција, Филипче не може да одлучува за иднината на државата, кога тој беше дел од структурите кој ја донесе до оваа позиција и го блокираше евроинтегративниот пат“.