Тој истакна дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да бидат дел од Изборниот законик и дека тука не треба да постои никаква дилема.
– Ние како партија ги разбираме препораките во насока на зголемување на квалитетот на избирачкиот процес, а што се однесува на процентот на изборниот праг кој според предлогот треба да изнесува 2 проценти, јавноста треба да знае дека минимумот според ОБСЕ/ОДИХР изнесува 1 процент. Сепак, ние изразуваме целосно разбирање со помалите партии и го прифаќаме секое решение што ќе го договорат со власта, рече Мицкоски.
Лидерот на најголемата опозициска партија во земјава го поздрави донесувањето на Резолуцијата за заштита на македонскиот идентитет и македонската посебност, со која, како што рече, јасно се оцртуваат националните црвени линии за македонскиот јазик, историјата и идентитетот.
– Содржината на Резолуцијата остана таква каква што беше доставена и ние сме многу среќни поради тоа. Благодарни сме на политичките субјекти кои искрено ја поддржаа Резолуцијата. Знаеме дека зборот на власта не трае ни 5 минути, но сметаме дека ваквата Резолуција како акт не смее да биде прекршен од оваа и од секоја идна влада. Овој процес во нормални услови требаше да биде воден од власта, а не од опозицијата, но за нас и за Македонија е голем успех тоа што донесовма таква Резолуција. Ние како партија ќе останеме посветени на евроинтеграцијата и заштитата на македонските национални и државни интереси. Македонија мора да научи да гради национален и државен консензус кој нема да зависи од тоа дали некој поради незнаење ќе создава нови спорови кои ќе го принудат македонскиот народ на нови преговори, рече Мицкоски.
Тој истакна дека за нас како држава не постои друга алтернатива освен Европската Унија.
– Друга алтернатива освен ЕУ не постои. Македонија треба веднаш да ги започне преговорите со Унијата, бидејќи тоа го заслужуваме веќе цела една деценија. Следна таква можност е Самитот кој ќе се одржи во декември годинава, посочи Мицкоски.